Муцунски ќе ги тужи Кузеска и СДСМ доколку не се извинат за „клеветите“ за настрешницата

од Nikola Popovski
118 прегледи

На денешната прес-конференција на СДСМ беа изнесени целосно невистинити информации поврзани со мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и со институцијата со која раководам. Станува збор за лажни тврдења, кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Проектот за кровната конструкција е тековно одржување на објектот на Министерството, со единствена цел превенција од натамошни оштетувања и поплавување – проблем што настана како резултат на несоодветното одржување на зградата во изминатите години, кога институцијата беше под раководство на ДУИ и СДСМ. Постапката за јавна набавка е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури, порача шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по денешните обвинувања од партијата во опозиција.

Тврди дека манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува негово лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што е неоснована и злонамерна конструкција.

-Во таа насока, ја повикувам Богданка Кузеска и СДСМ во рок од 24 часа јавно да се извинат за ширењето лажни информации и грубо манипулирање со јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидам принуден да преземам соодветни правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот. Како министер, останувам цврсто посветен на принципите на транспарентност, отчетност и законитост. Работењето на институциите мора да биде засновано на факти и докази, а граѓаните имаат право на вистински и проверени информации, стои во објавата на министерот.

Кузеска денеска изјави дека, според достапните информации, Министерството за надворешни работи потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра. Но, како што тврди, скандалот е уште поголем затоа што и овој случај е дел од тендерската мрежа на ВМРО-ДПМНЕ.

-Договорот за настрешницата е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот. Оваа компанија има долга историја на односи со Муцунски. Фирмата добила дури 11 тендери во Аеродром вредни 2 милиони евра. Додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром, истата компанија добила договор вреден 335.000 евра за хигиенски и комунални услуги. Идентично, тендерската мрежа на ДПМНЕ е поврзана и со парите од унгарскиот кредит кои треба граѓаните да ги враќаат. Од овие пари, омилената фирма на Муцунски добила 3 тендери вредни околу 1,8 милиони евра само во изминатите 3 месеци, рече портпаролката на СДСМ на прес-конференција.