Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски порача дека Македонија останува посветена на имплементацијата на проектот за изградба на Коридорот 8, нагласувајќи дека тој не е само линија на мапата, туку стратешка врска помеѓу Јадранското и Црното Море.
„Во денешниот свет, поврзаноста не е слоган – тоа е форма на моќ“, напиша Муцунски на Фејсбук, по министерскиот состанок „Коридорот 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“ во Тирана.
На состанокот, тој ја истакнал економската и политичката важност на тој проект, истакнувајќи дека неговиот успех подразбира целосно учество на сите клучни актери.
Тој додал дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранското Море и на Романија како клучна земја на Црното Море, но и во регионалната економија, е неопходна за Коридорот 8 да прерасне во вистинска европска врска.
„Нагласив дека нашата земја, како централна точка на Коридорот, останува целосно посветена на неговата имплементација. Се согласивме дека во наредниот период фокусот треба да биде на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на истиот интензитет на имплементација по целата траса на Коридорот 8“, наведува Муцунски.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.