Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски ја објасни вчерашната „воздржаност“ на Македонија во ОН за итен прекин на огнот во Газа. Според него, кога има било каква резолуција во ОН, таа не е за мир или нема мир. Министерот уверува дека „ние сакаме мир во сите конфликти во светот“.
-Жалиме за развојот на состојбите на Блискиот исток. Сакаме мир меѓу Израел и Палестина, но, кога ќе видите една таква резолуција, таа има своја содржина и во однос на неа, ние поставуваме свој политички став. Во истата резолуција ќе видите аргументи кои се спротивставени со основните принципи на меѓународното јавно право. Во истата резолуција ќе видите не доволно јасно дефинирање што е Хамас – за мене нема дилеми дека тоа е терористичка организација која што изврши убиства на територија на Израел. Кога нема јасни дефиниции за Хамас, нејзините дејствија, организацијата…не можеме да застанеме позади една таква резолуција. Нашите позиции по однос на било кое прашање го гледаме низ призмата на тоа што значи заштита на нашиот личен интерес. Ние гласавме воздржано во однос на конкретната резолуција која што има многу елементи, а кои се спротивставени со нашите национални интереси. Јасно ми е дека во медиумите пишува дека сме гласале против мир во Палестина – не, не сме против мир. Сакаме мир бидејќи тоа значи стабилност и благосостојба, рече Муцунски на денешната прес-конференција со унгарскиот министер, Питер Сијарто.