Муцунски очекува 2025 да биде клучна за отворање на преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
29 прегледи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, одржа работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во Република Северна Македонија, вклучително и со амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас. Средбата беше дел од редовната пракса за размена на мислења со амбасадорите, со цел информирање за напредокот на реформите и размена на ставови за актуелните прашања во процесот на евроинтеграција на земјата.

Муцунски го реафирмираше ставот дека членството на нашата земја во Европската унија претставува клучна стратешка цел на Владата, потврдувајќи ја посветеноста и напорната работа на сите институции. Повика на взаемна одговорност и поддршка од земјите-членки за забрзување на процесот на пристапување на земјата во Европската унија, согласно критериумите за членство, и за спречување на користење на билатералните прашања во преговорите со земјите-кандидати.

„Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандарди и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели“, нагласи тој во обраќањето.

Амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, во своето обраќање говореше за важноста од владеење на правото и спроведување на реформите, за што голем придонес ќе даде реформската агенда. Притоа, тој ја нагласи континуираната поддршка од Унијата во делот на реформите, но и важноста од забрзување на интеграцијата, што според него ќе биде во фокусот на агендата на Унијата во следниот период.

Во вчерашно интервју, Муцунски истакна дека гледа позитивни тонови во реториката во Брисел, која „покрај исполнувањето на условот за уставни измени, вклучува и дијалог и изнаоѓање рационални решенија“, што, според него, го постигнала токму владата во Скопје.

„Нема сила што може да ме убеди дека Софија не може да се убеди. ЕУ, заедно со нас, мора да разговара со Софија. Таа прави историска грешка и голем дел од народот во Софија го разбира тоа. Тие прават грешка од гледна точка на економијата и трговијата. Нема земја која ни е поважна да одиме напред кон ЕУ. Со постојаното враќање на фактот дека мора да ја негираме нашата историја и идентитет, тие создаваат сериозна омраза кај помладите генерации“, рече министерот за евроинтеграциите на Македонија.

Исто така во текот на вчерашниот ден од официјален Брисел стигна вест дека Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.

„Се надеваме дека земјата ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така и со поддршка на Бугарија, ќе можеме да продолжиме на тој пат“, рече еврокомесарката Марта Кос, одговарајќи на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Таа изрази уверување дека за време на овој мандат на Европската комисија (2024-2029) најмалку една земја од процесот на проширување ќе стигне до „финишот“. Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент сподели дека расположението за проширување сега е видливо попозитивно отколку во претходните години.

„За прв пат по десет години, имаме реална перспектива дека за време на овој мандат можеме да донесеме барем една, според мене уште две или три земји до финишот“, рече Кос.

Таа призна дека руската агресија врз Украина отвори можност за натамошно проширување, но нагласи дека нема кратенки во процесот на членство. „Нема да има политички „отстапки“. Процесот на проширување останува врз основа на заслуги“, подвлече еврокомесарката.

Оцени дека во овој момент има двајца лидери во пристапниот процес, а тоа според неа се Црна Гора и Албанија.

Слични содржини