Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Љубљана оствари посета на македонските граѓани кои се хоспитализирани во Словенија. Во рамките на посетата, Муцунски имаше одвоени средби со министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерката за здравство, Валентина Преволник Рупел, како и со медицинскиот персонал кој се грижи за пациентите.
Министерот Муцунски изрази искрена благодарност за високото ниво на солидарност што Словенија го покажува во овие тешки моменти. Тој нагласи дека оваа поддршка е доказ за длабоката почит и пријателство меѓу двете земји и нивните народи.
„Би сакал уште еднаш, во име на македонскиот народ, Владата и целата нација, да се заблагодарам за исклучителната солидарност што ја покажавте. Тоа зборува за високото ниво на меѓусебно почитување што го имаме меѓу себе. Македонските граѓани кои се во Љубљана сега се во рацете на стручни лекари, медицински експерти и посветени медицински сестри,“ изјави Муцунски.
За време на посетата, тој доби информации од лекарскиот тим за состојбата на пациентите и се запозна со стручниот кадар кој игра клучна улога во организирањето и реализацијата на медицинскиот транспорт.
Министерот нагласи дека македонската амбасада во Словенија останува целосно посветена на поддршката на пациентите и нивните семејства, а Кризниот штаб во Скопје е во постојана координација со сите вклучени институции во процесот на транспорт, прием и лекување.