Муцунски одговори дали Македонија е подготвена да издвојува 5% од БДП за одбрана

од Nikola Popovski
67 прегледи

Се уште прашањето е во форма на дискусија, но мое очекување е дека Алијансата ќе изгради консензус до Самитот во Хаг. Тоа е иницијатива на нашиот стратешки партнер САД и која што исто така ја застапува генералниот секретар, Марк Руте. Гледаме иницијатива која е поддржана и од најголем дел од нашите партнери кои што се земји-членки и на ЕУ, рече шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски запрашан дали Македонија е подготвена да издвојува 5% од БДП за одбрана, како што САД побараа од сите земји-членки на НАТО.

Според Муцунски, нема никаква дилема и ние како држава сме покажале со достигнувањето на минималниот праг од 2% дека сме подготвени за нови предизвици и има очекувања дека ќе постигнеме консензус.

-Сите иницијативи кои што ги предводи САД ќе ги поддржиме, кажа министерот на денешната прес-конференција со неговата австриска колешка Рајсингер.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио синоќа порача дека членките на НАТО се на прагот да усвојат амбициозна цел – да издвојат дури 5% од бруто домашниот производ за одбранбени цели. Според него, договорот би можел да се постигне веќе на следниот самит на Алијансата, кој ќе се одржи за нешто повеќе од еден месец.

Во разговор за „Фокс њуз“, Рубио истакна дека овој пресврт во одбранбената политика на Алијансата е директна последица на притисокот што доаѓа од Белата куќа. Тој нагласи дека сегашниот американски претседател, Доналд Трамп, е „заслужен за новиот пристап“ и потсети како, дури и во својот прв мандат, побарал поголемо издвојување од земјите-членки.

Нашата држава во минатата година инвестирала 2,05 отсто од БДП за одбрана, или 327 милиони евра. За споредба, во 2023 за одбраната се издвоило 1,85 отсто од БДП, а во 2022 година 1,57 отсто од БДП.

Сегашната цел за издвојувања на одбраната е 2 проценти од БДП, што повеќето членки го достигнаа или надминаа во 2024 година.

Слични содржини