Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски ја изрази подготвеноста на Македонија да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во своите здравствени установи на повредените во трагедијата во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана.
Муцунски објави на Фејсбук дека по трагичната несреќа во барот во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана, која го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита и по консултациите со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Аљиу, разговарал телефонски со швајцарскиот амбасадор во Македонија, Кристоф Зомер.
„Во разговорот, изразив искрено и длабоко сочувство до семејствата на починатите, како и до народот на Швајцарија, со желби за брзо и успешно закрепнување на повредените. Ја изразив подготвеноста на нашата земја да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во нашите здравствени установи. Дополнително, доколку е потребно, подготвени сме веднаш да испратиме во Швајцарија македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето по трагедијата во Кочани, и да помогнат во процесот на лекување“, соопшти Муцунски.
Како што додаде, поддршката во вакви моменти е неопходна.
„Ние сме целосно на располагање на нашите швајцарски пријатели во справувањето со оваа трагедија“, истакна министерот за надворешни работи.