Мислам дека нашите позиции се доста јасни и резултатот на претстојните локални избори нема да влијае врз тие позиции. Нема да влијае врз нашето очекување за предвидливост, нема да влијае врз нашето очекување дека кога нашиот сосед бара од нас одредени промени во делот на малцинските права, треба да очекува дека и ние ќе имаме некои очекувања дека од нивна страна ќе се почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), вели шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски запрашан дали по локалните избори се очекува промена во државните позиции во однос на уставните измени.
Актуелната власт, псоочува шефот на дипломатијата, е внимателна во донесувањето одлуки кои би можеле да имаат далекусежни последици. Дополнително, вели тој, за нас како држава клучно е патот кон полноправно членство да биде предвидлив.
– Да знаеме дека доколку одлучиме да донесеме некоја крупна одлука којашто е тешка, којашто е комплексна и создава поделби во нашето општество, таа ќе биде последна од таков вид. Посебно по развојот на состојбите во рамките на АФЕТ, станува сè поочигледно, дека не се работи за уставни измени, туку за нешто покомплексно, посебно кога е во прашање односот на Бугарија кон македонското прашање – однос којшто навлегува во теми во коишто е неприродно да се навлегува во 21. век, посебно меѓу два НАТО-сојузника. Јас сè уште не можам да разберам што е тоа модерен македонски идентитет и модерен македонски јазик, како што има обид да се вметне во овој документ од Европскиот парламент и во таа смисла мислам дека во моментот, ценејќи ги околностите, не мислиме дека има создадено услови за уставни промени, бидејќи, очигледно е дека уставните измени се веројатно најмалото барање кое го има планирано Бугарија во однос на македонското прашање, вели Муцунски во интервју за „360 степени“.