Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работната средба со амбасадорите на земјите-членки и партнери на НАТО, по повод петгодишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата, изрази голема благодарност за итната помош и поддршката во згрижувањето на повредените во трагедијата во Кочани.
„Вашата брза реакција ја покажа вистинската сила на солидарноста, што е темел на нашиот сојуз. Оваа трагедија уште еднаш ја нагласи важноста на меѓусебната поддршка, која мора заеднички да ја негуваме. Ви благодариме за целокупната помош и сочувството што го искажавте во овие тешки моменти за нашата земја“ истакна Муцунски
Тој нагласи дека Владата е целосно посветена на расветлување на случајот и спроведување на правдата.
„Преземаме сите неопходни мерки за темелна истрага и изведување на сите одговорни лица пред судските органи. Нашата определба е борба против корупцијата и сите девијантни појави кои го поткопуваат системот. Наша цел е да ја зајакнеме довербата во институциите и да обезбедиме функционален систем во кој граѓаните ќе имаат сигурност“ истакна Муцунски во своето обраќање пред дипломатскиот кор.