Муцунски: „Ваптек“ ќе инвестира дополнителни 35 милиони евра и ќе отвори нови 100 работни места

од Nikola Popovski
64 прегледи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во изјава за националниот сервис говореше за досегашните активности во рамки на посетата на САД, нагласувајќи дека покрај учеството на НАТО Самитот, истата има и билатерален карактер.

Билатералните односи со посебен акцент на економската соработка беа фокусот на првите денови од посетата на САД, истакна министерот Муцунски.

“Од страна на премиерот Мицкоски најавена е нова инвестиција, што претставува еден од првите големи економски успех на новата Влада. ‘Ваптек’ ќе инвестира дополнителни 35 милиони евра, а ќе се отворат нови 100 работни места во земјава”, истакна Муцунски, потенцирајќи дека одлуката е донесена за време на нивната посета на Вашингтон.

Во разговорот тој информираше и за бројни средби со влијателни конгресмени на кои станало збор за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, како и за улогата на земјава на меѓународната сцена.

„На средбите беше потврдена улогата на земјава како афирмиран член на НАТО Алијансата, што континуирано придонесува за зајакнување на целокупната трансатлантска безбедност. Исто така, беше истакнато дека новата македонска Влада е поддржувач и ќе продолжи со политиката на 100% усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е значајно за стабилноста на земјава и регионот.”, подвлече Муцунски во изјавата за МТВ.

Во однос на проширувањето на Министерството за надворешни работи со ресорот надворешна трговија, Муцунски порача дека е потребен поинаков фокус во надворешната политика.

“Активностите за заштита и промоција на политичките интереси треба да биде продлабочена со еден концепт што е многу повеќе од економската дипломатија. Промовирање на извозот, но исто така и промовирање на државата како добра локација за нови директни инвестиции ќе биде голем предизвик, со кој можеме да се справиме за да ја направиме државата поубаво место за живеење.”, порача Муцунски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија додаде дека во следниот период во рамки на Министерството за надворешни работи, низ транспарентна и законска процедура, ќе бидат преземени сите неопходни чекори за утврдување на евентуални пропусти и грешки во работењето на дипломатско-конзуларните претставништва, примарно во оние каде постојат сериозни сомнежи за несоодветно постапување, надвор од законските и подзаконските акти, а со крајна цел транспарентно работење и заштита на угледот на државата.

На крајот, Муцунски порача дека следуваат уште низа средби и активности кои имаат за цел апострофирање на нашиот придонес кон зајакнување на НАТО Алијансата, како и продлабочување на билатералните односи и соработката со САД.

Муцунски е дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која е во посета на САД, каде се одбележува 75 годишнината од основањето на НАТО Алијансата.

Слични содржини