Муцунски во Вашингтон: Партнерството со САД клучно за регионалната стабилност

од Љубиша Владимиров
16 прегледи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Вашингтон имаше важна средба со американскиот државен секретар Марко Рубио. На средбата двајцата соговорници ја потврдија цврстата и долгорочна соработка меѓу Македонија и САД, која се базира на заеднички вредности, политички интереси и пријателство.

Муцунски ја потенцираше посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог и институционализирање на стратешкото партнерство преку заедничкиот Акционен план. Во фокусот на разговорите беа и економските прашања, при што беше нагласена можноста за продлабочување на трговските односи, намалување на тарифите и започнување на процес за склучување договор за слободна трговија. Министерот истакна и отвореноста за привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во Македонија.

Во рамките на средбата беа разменети мислења и за безбедносната соработка во НАТО, каде Македонија продолжува да биде кредибилен сојузник, инвестирајќи повеќе од 2% од БДП во одбраната. Особено беше потенцирана важноста на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.

Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка од САД и нагласи дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, како на билатерално, така и на регионално и глобално ниво.

„Со оваа средба ја заокружуваме мојата посета на САД со силна потврда на стратешката поврзаност помеѓу нашите земји, заложбата за регионална стабилност, европска интеграција и инвестиции во безбедноста како сојузници во НАТО. Од секретарот Рубио добивме цврсто уверување дека нашето партнерство останува клучно и дека Македонија е значаен фактор за мирот и стабилноста во регионот. Во време на сложени безбедносни предизвици, е важно да продолжиме да работиме на одржување на мирот и просперитетот на глобално ниво“, рече Муцунски по средбата.

Слични содржини