Муцунски: Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт оти нема предадено акредитивни писма

од Nikola Popovski
427 прегледи

Указот на претседателката за отповикување на седуммина од амбасадорите на земјата е редовна постапка согласно Законот за надворешни работи, изјави синоќа шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.

На заедничката прес-конференција по средбата со актуелниот претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи и трговија на Малта, Јан Борг, Муцунски истакна дека мандатот на македонските амбасадори во НАТО, Обединетите нации, како и на раководителите на дипломатските претставништва во Албанија, Данска, Казахстан, Ватикан и Катар им истекува мандатот и во моментов има „консултации“ меѓу претседателката, премиерот и министерот за надворешни работи. Муцунски, исто така, рече дека очекува „наскоро да започне процесот на назначување нови амбасадори“.

Запрашан за тројцата амбасадори кои по стапувањето на функцијата на новата влада беа повикани на консултации во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски одговори дека амбасадорот во ОН Љубомир Фрчкоски си поднел оставка, што „не значи дека завршени се процесите за внатрешна ревизија на финансиското работење“ (поврзано со мандатот на Фрчкоски).

„Во однос на амбасадорот (Андреј) Жерновски (во Букурешт) и (Весел) Мемеди (во Рим), во рамките на Министерството за надворешни работи се водат внатрешни процедури, согласно Законот за надворешни работи. Формално правно амбасадорот Мемеди се уште е амбасадор, Жерновски формално правно никогаш не стана амбасадор во Букурешт, бидејќи не ги предаде акредитивните писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка“, објасни Муцунски.

Со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со укази се отповикани седум амбасадори од функција, кои се објавени завчера во Службен весник. Станува збор за амбасадори во пет земји и две организации. Меѓу нив е и македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, кој, според одлуката, ќе остане на функцијата до 15 јануари 2025 година, додека на уште шестмина им завршува мандатот на 30 ноември годинава.

Од 1 декември завршува мандатот на Теута Агаи Демјаха, шеф на постојната мисија на Македонија во Организацијата на Обединетите нации во Женева. Меѓу другите повлечени амбасадори се Данчо Марковски од Албанија, Марија Ефремова од Светата столица во Ватикан, Фатон Беита од Данска, Сали Лимани од Казахстан и Шабан Јашари од Катар.

Слични содржини