Наша основна цел е да ги оствариме зацртаните планови за 2016 година кои предвидуваат повторно раст од околу 5% до 6%, со што ќе се овозможи продолжување на деценискиот континуиран раст на Алкалоид, вели во интервју за КАПИТАЛ првиот човек на Алкалоид Живко Мукаетов

КАПИТАЛ: Што очекувате во работењето на Вашата компанија од деловната 2016 година и кои се вашите прогнози за индустријата во која работите и целата економија?
Почетокот на новата деловна година вообичаено е пропратен со различни неизвесности и нови предизвици. Според сите најави, 2016 година се очекува повторно да биде една тешка деловна година како во локални рамки, исто така и во регионални и во глобални рамки. Процесите на „затворање“ на националните економии кои започнаа во 2015 година се повеќе ќе ги отежнуваат условите за работа.
Во нашата индустрија како предизвици се очекуваат понатамошниот притисок на цените на лековите, ликвидноста на здравствените фондови, најразлични регулаторни ограничувања кои се јавуваат на глобалниот пазар и слично.
Ние се обидуваме сепак да гледаме оптимистички на новата година, имаме детално зацртани планови на продажби на постојните и на нови пазари, имаме сериозна развојна програма на нови производи, а воедно и прецизен план на инвестициони вложувања со кои треба да се остварат сите предуслови за иден раст на компанијата. Наша основна цел е да ги оствариме зацртаните планови за 2016 година кои предвидуваат повторно раст од околу 5% до 6%, со што ќе се овозможи продолжување на деценискиот континуиран раст на Алкалоид. Воедно, 2016 година е јубилејна година за Алкалоид АД Скопје во која ќе го обележиме 80 годишното постоење на компанијата, што ни дава и еден дополнителен мотив за напредок во сите сегменти од работењето.
КАПИТАЛ: Кои се најголемите опасности на економски план за следната 2016 година?
Како компанија која е присутна на повеќе од 30 пазари во светот, најголемите опасности ги гледаме токму во глобалните процеси, кои секако имаат своја рефлексија и на регионално и локално ниво. Дополнително заострување или отворање нови политички конфликти на светски план директно ќе влијаат на влошување на економските текови, што може да резултира со ограничувања и бариери на движењето на стоки, ценовни флуктуации, нетипични осцилации на вредностите на националните валути и слично.
Во услови на влошени глобални економски текови, потребно е соодветно поставување на внатрешните системи со кое ќе се овозможи поголема конкурентност и флексибилност на домашните компании. Потребно е поголема предвидливост и стабилност на системите, уште поголемо поедноставување на процедурите, не така често менување на законските регулативи и зголемена ефикасност на сите фактори вклучени во економските процеси.