Мурати: Прашањата на кои се бара одговор се уредени со Уставот и со Деловникот на Собранието

од Берта Китинска
320 прегледи

Прашањата на кои се бара одговор се уредени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Член 90 став 1 од Уставот го определува рокот во кој треба да се додели мандатот за состав на Владата, додека со Главата II од Деловникот на Собранието e уредена постапката на конституирање на Собранието на Република Северна Македонија.

Ова во изјава за МИА го истакна претседателот на Уставниот суд Сали Мурати, како одговор на прашањето за спротивставените ставови на досегашниот собраниски спикер Талат Џафери, кој смета дека Парламентот не е конституиран со тоа што се уште не е избран собраниски спикер и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој вели дека законодавниот дом е конституиран со верификацијата на мандатите.

– Се чини дека проблемот настанува при различното толкување на овие одредби од страна на учесниците на процесот, но и од одредени случаи во минатото при доделување на мандатот за состав на Влада на кои се укажува како на воспоставена пракса, нагласува Мурати.

Според Џафери, настанатата состојба е последица на политички толкувања, а не на правна основа и смета дека Уставниот суд има простор за превентивна работа и рок да се произнесе околу овие дилеми.

– Од друга страна, доколку се бара заземање на став на Уставниот суд по ова прашање, треба првин да се имаат предвид надлежностите на Судот утврдени со Уставот и постапките предвидени со Деловникот на Уставниот суд за остварување на овие надлежности. Со други зборови, прво прашање на кое треба да се одговори е дали Судот има ваква надлежност и во каква постапка би одлучувал доколку некој побара вакво изјаснување, истакнува за МИА претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.

Слични содржини