Муратовска од „Макам-транс“: Патните коридори се база врз основа на која се градат национални стратегии за развој на економијата

од Vladimir Zorba

Набројувајќи ги бенефитите кои ќе ги донесат новите Коридори за транспортните компании, за Биљана Муратовска од Асоцијацијата „Макам-транс“ најзначајно е тоа што ќе се обезбеди побрз и побезбеден сообраќај и превоз на стока и патници, зачувување на возилата од расипување или оштетување, но не очекува зголемување на обемот на работа.

„Обемот на работата на превозните трговски друштва е во дирекна корелација со капацитетите на стопанството во државата, кои засега не се доволни за да имаме зголемување на обемот на превоз, односно производство на стока за превоз“, вели Муратовска во интервју за „Локално“.

Во таа насока е и нејзиното очекување, во текот на изградбата на делниците да бидат ангажирани домашните превозници кои имаат свои возила- кипери, а  државата во договорите да презела и предвидела соодветни гаранции за редовна исплата на средствата кон превозниците, особено поради лошите искуства кои ги имавме со странски фирми ангажирани за изградба на патиштата низ државата.

Во однос на трошоците на работењето, Муратовска вели дека тие нема да се намалат бидејќи ќе има патарини.

„Единствено се надеваме дека по примерот на ЕУ и во нашата држава ќе се воведе наплата на патарина според еуро стандардот на возилата , а со тоа секој кој вложува и купува возила со повисок еуро стандард ќе плаќа помал износ на одредената патарина, дека ќе се овозможи замена на застарениот возен парк на домашните превозници, но ќе се намали и достапноста на странски превозни средства кои имаат многу мал или никаков еуростандард на возилата“, објаснува таа.

Какво е значењето на Коридорите за меѓународниот транспорт? Со оглед на малиот трговски пазар на нашата држава, дали очекувате преку овој проект да се зголеми вашиот обем на работа?

-Изградба на патниот коридор 8 и 10 во нашата држава е за поздравување и преставува голема придобивка од аспект на безбедно вршење на превозот во патниот сообраќај, полесен и побрз пристап до другите држави од кои или до кои се врши превоз на стока или патници. За превозните трговски друштва покрај безбедноста значи и зачувување на возилата од расипување или оштетување поради несоодветно изградена патна инфраструктура, но и не за зголемување на обемот на работа.

Обемот на работата на превозните трговски друштва е во дирекна корелација со капацитетите на стопанството во државата, кој засега не се доволни за да имаме зголемување на обемот на превоз, односно производство на стока за превоз. Државата е пред се увозно зависна и имаме голем обем на намалено земјоделско производство, а аналогно на тоа и помал обем на соодветни производни капацитети како би имало поголем обем на производи кои ќе имаат додадена вредност и ќе бидат наменети и за извоз покрај пласманот на домашниот пазар кој е многу мал.

Освен побрз и побезбеден транспорт на стока и патници, во кој друг аспект превозниците ќе ги почуствуваат бенефитите од изградбата на овие автопатски делници?

-Во рамките на овој проект потребно е паралелна активност и на сите општини со изградба на локални-општински патишта кои ќе овозможат полесен пристап до фабрики, магацини или откупни центри, односно ќе овозможат изградба на производни капацитети и во делови од државата кои засега не се развиени согласно начелата на просторната економија каде достапноста до одреден простор е приоритет во локалниот и регионалнит економски  развој на државите.

Во текот на процесот на изградба на коридорот 8 и 10 се надеваме дека ќе бидат ангажирани домашни превозници кои имаат  моторни товарни возила – кипери, но и друг вид на возила кои ќе вршат дотур на репроматеријал или друг вид на стока со што донекаде би се зголемил обемот на работа. Особено е важно при договарањето на изградбата на коридорите, државата да презела и предвидела соодветни гаранции за редовна исплата на средствата спрема домашните претпријатија, особено поради лошите искуства кои ги имавме со странски фирми кои во предходен период беа ангажирани за работа на изградба на патиштата низ нашата држава.

Што во контекст на трошоците за превозниците ќе донесат Коридорите?

-Трошоците на работењето нема да се намалат, напротив за нови патишта секогаш се предвидува и наплата на патарина. Единствено се надеваме дека по примерот на државите членки на ЕУ и во нашата држава ќе се воведе наплата на патарина според еуро стандардот на возилата , а со тоа секој кој вложува и купува возила со повисок еуро стандард ќе плаќа помал износ на одредената патарина, но во исто време ќе придонесе и за заштита на животната средина и безбедноста на патиштата. Ќе се овозможи замена на застарениот возен парк на домашните превозници, но ќе се намали и достапноста на странски превозни средства кои имаат многу мал или никаков еуростандард на возилата, по примерот на државите членки на ЕУ кои не збрануваат пристап на нивните патишта, но секој превозник кој има возила со помал еуростандард од Е-5, поради зголемени трошоци се откажува од превоз на стоки за тие држави.

Зголемување на обемот на вршење на превоз на стока исто така е поврзан и со преголемите бариери кои постојат на Балканот, а тоа се големиот број гранични премини кој го забавуваат обртот на работа, односно вршење на превоз на стока и преставуваат сериозен проблем за сите превозници од регионот. Друг проблем е и недоволен број на меѓународни транспортни дозволи кои одредени држави од ЕУ ги одобруваат за македонските превозници и преставуваат голема бариера за вршење на непречен превоз на стока, особено што не секогаш може да се обезбедат превози исклучиво од и за нашата држава која генерално има многу мал трговски пазар.

Со оглед на проблемите со кои превозните се сочуваат, кој би бил вашиот апел до надлежните институции?

-Нашиот апел до надлежните државни органи е да се вршат координирани активности за развој на целото стопанство на државата, да се стави акцент на производни капацитети, да се зголемат активности за обезбедување побрз проток на стока и патници на граничните премини и да се преговара со сите држави за укинување или зголемување на бројот на меѓународни транспортни дозволи, да се воспоставуваат билатерални преговори од областа на превозот во патниот собраќај со држави кои се во развој, а со кој немаме воспоставени поголеми деловни односи на ниво на држава. Ваквиот пристап е во директна врска со економскиот раст и развој на државата, а не само изградба на одредени патни коридори кои се само база врз основа на која ќе се градат национални стратегии за развој на економијата.

К.В.С.

Слични содржини