Скандал од невидени размери е повлекувањето на кумановското Јавно обвинителство од постапката против градоначалникот Максим Димитриевски само неколку дена пред да се донесе пресудата. Но, овој скандал конечно потврдува и зошто Димитриевски конечно влезе во коалиција со Мицковски и која беше неговата цел, обвини денеска Атина Мургашанска од СДСМ, советничка во Советот на општина Куманово.
Според Мургашанска, ова се случило за да се избегне личната одговорност пред правосудните органи. Советничката го нарекува Димитриевски „тројанскиот коњ во опозицијата“ и тврди дека е „разобличен“,
-Цената за расколот во опозицијата беше токму спасот на Димитриевски од кривичен прогон. Тој одигра улога на саботажа и денес му слугува на Мицкоски како измеќар. За возврат доби политичка заштита од правен прогон. Сега е јасно зошто молчи за криминалите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Максо станал вечен должник на Мицкоски. Ова не е само правен скандал – ова е тежок политички договор кој ја компромитира независноста на обвинителството и го поткопува целиот правосуден систем, кажа советничката и порача дека СДСМ бара истрагата од самото обвинителство и итна одговорност.