Сега е јасно дека Жозе Мурињо и оваа сезона нема да го води Фенербахче до трофеј и се поизвесно е дека ги одбројува последните денови во Истанбул. На крајот на сезоната би можел да го напушти клубот бидејќи го чека нова работа – бразилската репрезентација го посакува на својата клупа.
Периодот на Жозе Мурињо на клупата на Фенербахче нема добро да се памети. Славниот Португалец ниту по 11 години чекање не успеа да ја врати титулата, а притоа предизвика прилично хаос во турскиот фудбал.
Медиумите во Турција тврдат дека „Специјалниот“ многу брзо ќе ја прекине соработката со Фенербахче, а за нов ангажман не треба долго да чека.
Бразилскиот фудбалски сојуз е подготвен на Мурињо да му понуди тренерска функција. Наводно, тие се подготвени веднаш да започнат преговори со Фенербахче за откупување на последната година од неговиот договор, а Жозе веќе се нашол на врвот на листата на кандидати за нов тренер.
Неодамна бразилскиот фудбалски сојуз го отпушти Доривал Јуниор по срамот против Аргентина (4:1). Сега Жозе Мурињо е главен кандидат за негов наследник, а други опции се Хорхе Жесус (Ал-Хилал), Абел Фереира (Палмеирас) и Карло Анчелоти (Реал Мадрид).
Преговорите меѓу Бразилскиот фудбалски сојуз и Мурињо наводно ќе започнат многу наскоро, а последниот збор ќе го има португалскиот стручњак.
Да потсетиме, Мурињо претходно потенцираше дека би сакал да се испроба во улогата на селектор во завршната фаза од кариерата, а се чини дека е дојден идеалниот момент да преземе репрезентација.
Работата селектор на Бразил е секако нешто за што многумина сонуваат, а следната година тој би имал можност да се докаже на големата сцена, бидејќи нè очекува Светското првенство во САД, Мексико и Канада.