Португалскиот тренер Жозе Мурињо изјави дека требало да ја напушти Рома уште пред да добие отказ од римскиот клуб во јануари.
На 16 јануари годинава Мурињо беше отпуштен од тренерската функција на Рома по серијата лоши резултати. Португалскиот стручњак моментално е тренер на Фенербахче.
Во интервју за „Кориере дело Спорт“, Мурињо одговори на прашањето дали жали за нешто во кариерата.
„Поради многу работи, ако зборуваме за натпревари. Во врска со личните одлуки – „не“ што му го кажав на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Тој ми рече: „Моу, не оди сега, ти го заврши најтешкиот дел. Сега почнува најдобриот дел“, знаев дека е вистина, но сакав да се вратам во Челси по три години големи предизвици. Потоа настаните од Будимпешта, не хаосот со судијата Тејлор, туку тоа што не си заминав веднаш. Требаше да ја напуштам Рома, не и тоа беше грешка“, рече тој.
Мурињо ја предводеше Рома до две последователни финалиња на европските натпреварувања. Во првата, тимот ја освои Конференциската лига во 2022 година, а една година подоцна загуби од Севиља во финалето на Лига Европа. Мурињо после тоа остана во клубот, но шест месеци подоцна доби отказ.
По отказот купи билети за следниот натпревар на Олимпискиот стадион, но не дојде на стадионот.
„Не една, купив четири билети. Бев во хотелот со помошниците и ми рекоа дека заслужувам да се поздравам со навивачите и дека сакаат да се збогуваат со мене. Размислував, но се плашев дека можеби ќе ме обвинат дека вознемирувам некого, а јас не правам такви работи“, изјави Мурињо.
Тој додаде дека ја сака тренерската работа.
„Го сакам фудбалот и мојата работа. Не сакам да чекам идеална можност, совршено место, а уште помалку да се одморам. Знам дека тоа им се допаѓа на многу луѓе или барем така велат. Дојдов на клуб кој навистина ме сакаше и го докажа тоа уште од првиот ден“, изјави Мурињо за неговото доаѓање во Фенербахче.
Во 2010 година Мурињо ја освои тројната круна со Интер, а изјави дека би сакал да се врати во Серија „А“, како и да ја води репрезентацијата еден ден.
„Веќе не ја гледав Рома, но го гледав Интер. Сакам да бидам на Европското првенство или Светското првенство и да ја обединам земјата околу тимот, како што сум направил многу пати со клубовите. Сакам да го направам тоа за фудбалот и она што го претставува овој спорт, тоа би било неверојатно“, рече Мурињо.