Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо изјави дека неговиот поранешен клуб Манчестер Јунајтед направил голема грешка кога потпишал нов договор со голманот Давид де Хеа минатиот септември.
Искусниот голман, кој е на „Олд Трафорд“ од 2011 година, направи неколку кардинални грешки оваа сезона, последен во полуфиналниот натпревар во ФА Купот со Челси, кога не одбрани еден лесен удар од Мејсон Монт.
Дури и Оле Гунар Солскјер, менаџер на Јунајтед, по мечот изјави дека Де Хеа требал „сто проценти за да го одбрани ударот на Монт“.
Навивачите на Јунајтед бараат од Солскјер да го премести Шпанецот на клупата, и да го врати Дин Хендерсон, кој имаше уште една добра сезона, од позајмицата во Шефилд Јунајтед ова лето.
Претходно, Мурињо го критикуваше и раководството на клубот за потпишување нов договор со Шпанецот за неделна плата од 410.000 евра.
Островските медиуми потсетија на изјавата на Португалецот, која ја даде во октомври, помалку од еден месец откако клубот потпиша нов договор со Де Хеа. Излегува дека бил во право.
„Нема потреба Јунајтед да гоплаќа толку многу. Пред една или две години, тој го имаше светот во свои раце, во овој момент повеќето врати на големите клубови се затворени. Реал е затворен, го имаат Куртоа, вратата на Барселона е исто така, со младиот и фантастичен Тер Штеген, ПСЖ потпиша со Кејлор Навас, многу добар голман. Не го гледам притисокот, кој ќе му даде на Давид таква плата? Тој доби феноменален договор во време кога имаше многу среќа“, рече во тоа време Мурињо.
Тој беше близу до преселба во Реал во 2015 година, но трансферот не успеа во последен момент благодарение на дефект во факс-машината. Тие се обидоа подоцна, но поранешниот голман на Атлетико остана на „Театарот на соништата“.