Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо откри дека Лук Шо, за кого само пред два месеци се сметаше дека сигурно ќе си оди, ќе потпише нов долгорочен договор со клубот. Португалецот остана задоволен од работа и пожртвуваноста на левиот бек, кого го критикуваше јавно на неколку пати во последните две сезони.
„Не станува збор за тоа дали Лук го променил моето мислење, туку за тоа дали го развива или не својот потенцијал. Јас го познавам уште од времето кога играше за Саутемптон. Знам какви квалитети и потенцијал поседува. Прашањето беше дали може да тргне во мојата насока, да ги прави работите онака како што сакам јас од моите играчи, не само за време на натпревар, но и на тренинзите во текот на неделата, да вложува големи напори. Тој веќе се ослободи од мали повреди кои го запираа неговиот развој. Задоволен сум и природната последица на ова е дека тој ќе добие нов договор и ќе игра за Јунајтед со години“, рече Мурињо.
Португалецот, исто така, ја бранеше својата ѕвезда Пол Погба, велејќи дека нема конфликт меѓу нив. Мурињо го остави Французинот на клупата за почетокот на натпреварот со Хадерсфилд откако според многумина останал незадоволен од прикажаното од халфот во дербито со Тотенхем.
„Нема ништо лошо меѓу мене и Пол, тешко е да се најде играч од средниот ред со поголем потенцијал од неговиот. Пол има сè“, додаде тој.
https://www.youtube.com/watch?v=u4D589mGiHI