„Мурињо оди против неговите играчи, Солскјер никогаш“

од Stefanija Kuzmanovska

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, во интервју за Скај Спорт жестоко го критикуваше поранешниот менаџер на тој клуб, Жозе Мурињо.

Двајцата го започнаа конфликтот во моментот кога францускиот фудбалер го загуби местото во почетниот состав.

„Еден ден имав одличен однос со Мурињо, сите го видоа тоа, а следниот ден не знам што се случи. Чудна работа е во односот со него и не можам да ви објаснам, бидејќи ниту мене не ми се јасни причините“, рече Погба на почетокот на интервјуто, а потоа го спореди Португалецот со сегашниот менаџер на Јунајтед – Солскјер.

„Односот со Солскјер е различен, тој никогаш не би одел против играч. Можеби Оле не би избрал некои играчи, но тој не ги одбива, не ги турка настрана како да не постојат повеќе. Тоа е разликата меѓу нив. Методите на Солскјер може да функционираат на тој начин затоа што тој има поблиски односи со играчите“.

Друг фудбалер на „црвените ѓаволи“, Лук Шо, имаше проблем со Мурињо, кога Специјалниот, меѓу другото, рече дека му недостига фудбалска интелигенција. Сепак, самиот Шо неодамна изјави дека Мурињо со право го критикувал со цел да ги подобри неговите перформанси, но исто така признал дека тоа било исклучително тежок период за него.

„Секој тренер има свој начин на работа со играчи, а вие како играч треба да се прилагодите на тренерските идеи. Понекогаш ви одговара, а некогаш не е. Оле многу му помогна на Лук Шоу, кој имаше тешка сезона под водство на Мурињо, но тој докажа дека има квалитет, што никогаш не било спорно, доколку има доверба од менаџерот“.

По поразот на Тотенхем од Манчестер јунајтед, Мурињо не сакаше да зборува за играта на неговиот тим, но продолжи со коментарите на Солскјер за Сон и голот што го поништија на „црвените ѓаволи“. Норвешкиот стручњак се пожали дека Сон го измамил судијата Крис Кавано, кој по консултација со ВАР технологијата, го поништи голот на Единсон Кавани поради претходен фаул на Скот Мектомини.

Погба верува дека Мурињо го испровоцирал Солскјер да реагира на овој начин.

„Не знам што се случи, сигурен сум дека Мурињо рекол нешто што ќе ги натера луѓето да зборуваат. Тој го прави тоа. Го добивме резултатот што го посакувавме, Оле го знае тоа и уживавме во тој момент. Го знаеме Мурињо и знаеме што сака. Не ни треба вербална војна, треба да се фокусираме на нас самите. Победивме, Мурињо загуби и тој не сакаше да зборува за играта, туку за нечиј татко. Тоа личи на него“, заклучи Погба.

Слични содржини