Мурињо по дебаклот во Норвешка: Лош терен, студено време и само 13 играчи

од Nikola Popovski
833 прегледи

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо беше потиштен по неверојатниот пораз од Бодо Глимт во Норвешка во третото коло од Лигата на конференции со историски 6: 1.

Ова беше најтешкиот пораз за Мурињо во кариерата, бидејќи ниту еден негов тим до овој дуел никогаш не примил шест или повеќе гола во еден натпревар.

Португалскиот тренер ја презеде одговорноста за поразот, но и јасно стави до знаење дека верува дека Рома има само 13 врвни играчи, и дека било тешко да се игра во лоши услови.

„Одлучив да играм со овој состав, така да ова е моја одговорност. Тоа го направив со добра намера, за да им дадам можност на оние кои работат напорно и да го ротирам тимот на вештачки терен на студено време. Решив да одморам многу играчи“, истакна Мурињо по натпреварот.

Португалецот во вториот дел внесе само некои од првотимците, меѓу кои и најдобриот играч на „волчицата“, Тами Абрахам, но без успех.

„Секој пораз нанесува штета. Разговарав со играчите и бев искрен. Бев искрен со нив. Никогаш не го прикрив фактот дека имаме состав со реални ограничувања. Имаме 13 играчи кои претставуваат една екипа, а останатите се на друго ниво. Барем позитивна работа е што отсега никој нема да ме прашува зошто секогаш ги користам истите играчи“, додаде португалскиот стручњак.

Прашање е дали тешкиот пораз ќе ја наруши самодовербата на фудбалерите на Рома во продолжението од сезоната.

„Нашата главна екипа е добра, заслужи повеќе бодови оваа сезона и го има вистинскиот менталитет. Со тој менталитет ќе играме во недела“, потенцира тренерот на Рома.

Рома викендов ја очекува дербито во деветтото коло од Серија А во кое ќе игра против непоразениот Наполи кој е осамен на врвот на табелата.

Слични содржини