Навикнати се на необични прес -конференции, дискусии со противнички тренери, гениј на тактичко ниво, но ова е многу и за него. Новиот тренер на Рома во соработка со водечките луѓе на клубот стави дури 23 фудбалери на римскиот тим на трансфер листата!
Звучи нереално да се продаде целиот тим, но не секој може да игра за Португалецот. Тука има фудбалери кои биле на позајмица, оние кои се уште не стигнале до првиот тим или едноставно членови на тимот кои не му се допаѓаат.
Така, спортскиот директор на тимот Тиаго Пинто ќе има полни раце работа во наредните денови. На него останува да најде клубови за бројни фудбалери кои повеќе не му се потребни на клубот, а чии плати се камен околу вратот на Римјаните.
Хавиер Пасторе, Стивен Нзонзи, Федерико Фацио, Педро, Давид Сантон, Робин Олсен, Анте Чориќ… ќе имаат слобода да ја сменат средината ова лето … И тоа се само најзвучните имиња кои се на излезната врата на клубот.
Клубот од Рим пресмета дека ќе заштеди 36,7 милиони евра по сезона само за платите на деветте најплатени од списокот на 23 фудбалери. Кога на тоа ќе се додаде и можната заработка од трансфер на играчи кои повеќе не се во преден план, Рома ова лето би можела многу добро да заработи.
На списокот има и голем број играчи кои допрва треба да ја почувствуваат магијата на сениорска конкуренција, но Жозе Мурињо и Рома не се подготвени да им дадат минутажа. Така, речиси целата генерација што се натпреваруваше во Примавера ќе има опција да го напушти тимот од Рим.
Особено интересен случај ќе биде Алесандро Флоренци, играч кој беше на позајмица во ПСЖ. Десниот бек, кој стана европски шампион со Италија, своевремено беше планиран како трет во серијата капитени родени во Рим, по Тоти и Де Роси, а сега „Волчицата“ сака да го напушти клубот. Тој не сака да биде резерва, клубот смета дека не е доволно добар за стартниот состав, па разделбата е многу близу.
За да биде ситуацијата посложена, се погрижи коронавирусот, поради што Алесандро во моментов не тренира со тимот, туку работи индивидуално во Рим, додека тимот во Португалија се подготвува за новата сезона.