Муртезани: Брисел не го отфрла целосно предлогот за уставни измени со одложено дејство

од Nikola Popovski
376 прегледи

Во Брисел не се гледа со голем оптимизам тој предлог, меѓутоа не се отфрла целосно. Ние треба да настојуваме во изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатливо и за нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку од нашата волја и ангажман, вели министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани околу барањето на Владата за уставни измени со одложено дејство.

На прашањето зошто премиерот Христијан Мицкоски вели дека предлогот е отфрлен и дека ќе праќа писмо со идеи до ЕУ, Муртезани одговара дека најавите на премиерот се всушност изнаоѓање на нови решенија кои што се во фаза на интерни разговори во Владата.

-И да имаме финален предлог, нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени избори во соседна Бугарија. Треба да видиме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на наоѓање решенија и мислам дека овој е правилниот пристап за понатаму, додаде Муртезани.

Доколку не се случат уставните измени до декември и продолжување на европскиот пат, министерот вели дека како коалиција ВЛЕН дале рок од шест месеци, во кој што Владата мора да понуди решение за надминување на кризата.

-Моментално тече рокот, дециден е Муртезани во своите одговори на прес-конференцијата по повод 100 дена нова Влада.

Слични содржини