Муртезани: Имаме поддршка од многу европски земји за уставни измени со одложено дејство

од Nikola Popovski
156 прегледи

Како „силен знак“ дека Република Северна Македонија треба да биде дел од ЕУ- вака министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани ја дефинираше посетата на претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен на Скопје.

„Знак дека треба брзо и силно да се движиме кон ЕУ, дека сега е време да се најде решение и ако брзо најдеме решение, можеме заедно со Албанија да ги започнеме преговорите. Пораката дека измените на уставот мора да се донесат беше јасна, пишуваше и во заклучоците (на Европскиот совет) и во заедничкиот став на ЕУ. Власта не ја оспорува потребата од спроведување на уставните измени, туку сакаме да го обезбедиме процесот по нивното донесување. Едноставно, да бидеме сигурни дека тој процес ќе заврши во одредено време. Сметаме дека ако само се носат уставните измени, а се соочиме со дополнителна блокада, довербата на граѓаните дека ние еден ден ќе бидеме дел од ЕУ драстично ќе се намали“, рече вчера Муртезани во Дневникот на ТВ Сител.

Според него, клучната работа во говорот на Фон дер Лајен е што таа не го отфрлила владиниот предлог измените на Уставот да стапат на сила откако Македонија ќе стане дел од ЕУ.

„Ова е знак дека се создава простор кој мора многу внимателно и интелигентно да се искористи за да се дојде до решение. Тоа што е битно е дека нашите аргументи дека уставните измени не треба да служат само за отпочнување на преговорите, туку по отворањето на преговорите процесот не треба да се билатерализира до затворање, е клучниот аргумент којшто во Брисел се сфаќа сериозно и не е само наше барање“, смета Муртезани.

Тој не одговори конкретно на прашањето од кои земји-членки на ЕУ земјава добива поддршка за владиниот предлог, наведувајќи дека „тој доаѓа од многу европски земји“, но „процесот треба да се иницира билатерално со Бугарија“.

„Сè додека не завршат изборите во Бугарија, нема да презентираме јавен предлог бидејќи мислиме дека може да се користи за изборни цели (во Бугарија)“, кажа главниот преговарач.

Слични содржини