Муртезани: Независно судство и ефикасна борба против корупцијата е основно право на секој граѓанин

од Nikola Popovski
14 прегледи

Кога последен пат се обратив овде, пред Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија, истакнав дека има моменти во историјата што не се дефинирани само од нашата решеност, туку и од храброста и визијата на нашите партнери. Денес, пред вас, чуварите на законодавната моќ, ја повторувам таа порака. Нашата иднина во Европа не е некоја апстрактна цел на далечниот хоризонт; тоа е реалност што ја создаваме, ден по ден, преку нашата заедничка посветеност, изјави денеска министерот за европски прашања, Орхан Муртезани на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027.

Според него, секоја од овие реформи длабоко е втемелена во реалноста, не се работи за апстрактни политики. Тие директно се однесуваат на предизвиците со кои секојдневно се соочуваат нашите граѓани, од административни пречки и неефикасни јавни услуги, до корупција, невработеност и еколошки проблеми, додава министерот.

-Обезбедувањето независно судство и ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал е суштинско – не само како услов за пристапување во Унијата, туку како основно право на секој граѓанин. Последните законски иницијативи, како што се донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и засилената транспарентност во јавните набавки, се конкретни позитивни чекори. Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста. Тие вредности мора да бидат неизоставен дел од нашата јавна администрација и државни институции. Со целосната имплементација на Законот за буџети и со реорганизација на државната администрација, веќе чекориме кон поефикасно и поодговорно управување, вели Муртезани.

Министерот е дециден дека нашата визија е јасна: С.Македонија интегрирана во ЕУ, со силни институции, конкурентна економија и обединето општество.

Слични содржини