Вицепремиерот за рамковни прашања, Муса Џафери изјави дека подготвува кривична пријава против поранешниот шеф на тајната полиција, Слободан Богоевски, за неговите обвинувања дека тој и лидерот на партијата, Али Ахмети, се вмешани во скандалот за „Маѓар телеком“, пушува Порталб

„Обвинувањата против мене кои се однесуваат дури и на организирање убиства се сериозни и тешки. Станува збор за прашања од лична природа и ќе тужам за клевета. Тој ќе мора сите овие работи да ги докаже пред нашите институции“, изјави Џафери.
Според сведочењето на Слободан Богоевски дадено за њујоршкиот суд 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари – тогашниот премиер Владо Бучковски и Али Ахмети и Муса Џафери од ДУИ.
Богоевски со оваа афера го поврзува и обидот за убиство на Абдилхалим Касами од ДУИ.
ДУИ за овие сведочења во старт објави дека ова е уривање на ДУИ пред избори, апокалиптични инсинуации за единствната изворна партија која не е формирана од тајна полиција.
Првин рекоа дека се тоа е од македонски политички кујни а потоа рекоа дека се работи за напад на странски служби од соседството за да ја разнебитат партијата и да го тргнат Али Ахмети.
И за Бучковски ова сведочење на Богоевски е чиста измислица, па и тој најавува тужба против него.
Поранешниот гувернер Петар Гошев коментирајќи ги тврдењата посочи дека вплеткувањата на НБМ се целосно непознавање на работите и функционирањето на платниот промет.
„Република“ денеска не спори со како вели контроверзните тврдења на Богоевски но како и ДУИ оди во контранапад : „Без да се навлегува во вистинитоста на обвинувањата кон останатите споменати во сведочењето, доволно провокативен е исказот на Богоевски во кој признава (а деновиве и самиот го потврди тоа), дека бил соучесник во поткупување на премиер! Нема дилеми дека треба да се истражи наводниот поткуп на државните функционери, но неверојатно е да се застапува тезата дека посредувањето при поткупување е сосема нормална постапка која не е вредна ни за јавна осуда и за барање до властите за поведување истрага“.