Муслиу: Без да се осудат настаните од 27-ми април, не може да се оди напред

од Nikola Popovski
261 прегледи

„Без да се осуди тоа што се случи на 27-ми април 2017 година, не може да се оди напред“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за емисијата „Утрински брифинг“.

Тој смета дека мора да се дефинира работата.

„Секое враќање назад на таа тема, која беше причина за 27-ми април значи неможност за потполна соработка со албанските политички партии. Не може партиите да имаат дијаметрални различни позиции, а после изборите, гласачите да им го простат тоа и само поради бројките, да им овозможат соработка“, појаснува Муслиу, додавајќи дека во последните години имаме релативно помирни етнички изборни циклуси.

СДСМ го одбележува 27-ми април како најцрниот датум во историјата на македонската демократија.

„27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ. Вооружени насилници поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби,да го урнат уставниот поредок и државата да ја втурнат во провалија. Тие насилници кои беа придружувани и од Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, не се, ниту некогаш ќе бидат уставобранители, тие се само насилници, бранители на криминалите на Никола Груевски“, стои во партиското соопштение.

За настаните во Собранието од 27-ми април, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски  добија затворска казна од 15 години.  Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Беа обвинети вкупно 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

Слични содржини