На 12-ти април изминуваат 10 години од граѓанскиот активизам наречен Шарена револуција. Според политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, ние како држава во 2015 година имавме хомогена власт која беше задоволна како одат работите. Од друга страна, како што вели, имавме незадоволни, критичка маса, партии со аспирации, граѓански сектор кои се сплотија за едно прашање кое им даваше надеж.
-Паролата „Нема правда, нема мир“ беше паметна затоа што беше сплотувачка. Ние во општеството сме поминале драматични моменти. Не гледам дека вакви работи може да се случат во нашето блиско опкружуање. Во Албанија имаше протести затоа што ДДВ-то сакаа да го зголемат, во Грција има традиција на протести, во Бугарија исто така, во Србија се уште има и не се намалува темпото. Кај нас некако целото општество, поради други поделби, па не можат сите да се спојат во едно прашање. Пред 10 години имаше транс-етничко спојување за некои теми. Успеаја да се воздигне на степен кој беше општествена реакција и во тоа се влезе со надеж, но подоцна таа надеж не се исполни. Во одреден момент, целиот систем се инструментализира. Кај се губи мотивацијата? Некој влегол во целиот тој процес со надеж и со некои поенергични мотиви и гледале цел и ако гледате инструментализација и од лева и од десна страна, тогаш кај ви е мотивацијата? Се губи поентата, рече Муслиу во емисијата „Вин-вин“.
Тој додаде дека одговорноста не е само кај политичарите, туку и кај граѓаните. Според него демократското општество подразбира вклучени граѓани, а не само граѓани кои се жалат на социјалните мрежи.