Муслиу за „Тајни имоти“: Јас не сум државен функционер, oпозицијата да каже што е толку „аферистично“ во мојот случај

од Берта Китинска

Мојот имот е заведен во Катастер на мое име. Јас не сум државен функционер и не земам пари од државата вели во изјава за „Локално“, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во врска со објавените имиња за аферата „Тајни имоти“ која ја обелодени опозициската ВМРО – ДПМНЕ.

Тој појаснува дека нема потреба да поднесе до ДКСК анкетен лист за својот имот бидејќи не е функционер, а во Фондот на холокаустот работел волонтерски без паричен надоместок.

Муслиу вели дека ќе ја повика опозицијата на соочување за да каже што е толку во неговиот случај „аферистично“.

-По овие јавно изнесени тврдења ќе се консултирам со адвокат за што понатаму ќе може да превземам, водено ја повикувам опзицијата да се соочиме и да ми кажат што е толку „аферистично“ во мојот случај, вели аналитичарот.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, денеска откако истече рокот од 24 часа кој го даде вчера, почна во јавноста да ги открива имињата на функционерите за кои има докази дека не пријавиле имот во анктените листови.

Првото име кое се обелодени во аферата „Тајни имоти“ е на аналитичарот, но како што велат од опозицијата и владин претставник во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Според нивните информации тој воопшто нема поднесено анкетен лист до антикорупциската комисија, а има стан во центарот на Скопје од 81 квадратен метар и куќа во Скопје од 118 метри квадратни како и основач на фирмата „Макро Мед“ и здружение на граѓани.

Анкетен лист нема ни адвокатот на СДСМ, Ивица Јевтиќ, кој е и член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил, а поседува стан во Скопје и е основач на Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“ и на градежната компанија ФИЗ „Констракшн“.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Валентин Груевски, не пријавил имот откако стапил на оваа функција, иако од претходниот анкетен лист се гледа дека поседува куќа и земјиште во Битола и автомобил Фоксваген Голф, а неговиот брачен другар – куќа во Ресен.

На објавената листа се најде и името на Новица Печински, член на Управен одбор на Здравствен Дом Берово, кој не пријавил куќа во Берово и автомобил.

Од Антикорупциска ја повикаа опозицијата да им ја достави документацијата и најавија соодветна постапка против функционерите кои не поднеле анкетен лист.

Б.М.

Слични содржини