Мустафаоглу: Избраните 117 одборници се партиски активисти и членови на фамилии на власта

„И покрај сите аргументи и укажувања дека ова што го прават е невидено и незаконски, мнозинството на ДПМНЕ глатко си ги изгласа овие Одлуки, а на мене ми порачаа дека сум млада и недоволно искусна за да ги знам нивните практики“, кажа советничката од Левица

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Принтскрин/Град Скопје

Советничката од Левица во Град Скопје, Дарја Мустафаоглу реагираше на вчерашните одлуки на Советот на Град Скопје, со кои, како што посочува, биле именувани дури 117 вршители на должност во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и установи, без јавен повик и без транспарентна процедура.

Мустафаоглу оценува дека наместо законска и транспарентна постапка за избор на најквалитетни кадри, биле донесени „коалициско-партиски одлуки“, со што се продолжува практиката на партизација на институциите.

„Во иста предлог-одлука имавме и разрешување и именување на нови одборници, што е процедурно несоодветно и нелогично. Мандатот на претходните одборници истекол на 29 декември 2025 година, што значи дека можевме само да констатираме завршување на мандатот, а не да ги разрешуваме, бидејќи Законот јасно ги утврдува основите за разрешување“, истакна Мустафаоглу.

Таа потенцира дека според законските одредби, вршител на должност може да се назначи исклучиво во исклучителни и непредвидливи ситуации, а не во случаи кога постоела можност и обврска да се распише јавен конкурс.

Дополнително, Мустафаоглу укажа дека Советот не добил ниту биографии на новоименуваните одборници, ниту информации за нивната стручност и квалификации, и покрај нејзините повици тие да бидат јавно презентирани.

„Не ни беше кажано кој се овие луѓе, какво искуство имаат и дали ги исполнуваат законските критериуми. Сепак, и покрај сите аргументи дека станува збор за незаконска и непринципиелна постапка, мнозинството на ДПМНЕ ги изгласа одлуките без никаква дебата“, напиша таа.

Според нејзините сознанија, дел од новоименуваните в.д. одборници се партиски активисти, нивни блиски соработници и членови на семејства.

Мустафаоглу додава дека за време на седницата, при одредени излагања, бил прекинуван и онлајн-преносот, што дополнително ја засилува, како што вели, сликата за нетранспарентност во работата на Советот.