МВР до ВМРО ДПМНЕ и Чулев: Покажете го архивското бројче дека е пријавен протестот

од Берта Китинска

„Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла сите невистини пласирани на денешната прес конференција на ВМРО ДПМНЕ од страна на Наќе Чуле и го повикува да го покаже архивското бројче од актот со кој тврдат дека го пријавиле протестот, со наводно однапред позната маршрута на движење и точки на застанување. Таква пријава во МВР не постои“ стои во реакцијата од МВР за прес-конференцијата што денеска во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ја одржа екс-министерот за внатрешни, Наќе Чулев.

Од Министерството велат дека „согласно член 3 од Законот за јавни собири, известувањето се поднесува во подрачната единица на МВР на чие подрачје се одржува јавниот собир и во него е наведен организаторот на протестот со сите преземени мерки во врска со непречено организирање на протестот. Но, таков документ со архивски број нема, бидејќи таков акт не постои“.

„Екс-министерот за внатрешни работи точно знае дека согласно законот, организаторот кој го пријавил протестот може да сноси и одговорност за активностите кои се случуваат на истиот. Оперативниот план на МВР со мерки и активности е изготвен согласно оперативните сознанија на полицијата, а не според изнесените дезинформации за уредно најавен протест и благодарение на тој план, со брза реакција на полицијата беа избегнати поголеми инциденти, а досега се приведени 20 лица, од кои против 12 веќе се поднесени кривични пријави“ се вели во реакцијата на МВР.

Според Чулев протестот бил уредно најавен, со однапред позната маршута на движење и точки на застанување.

-МВР е должна да изготви оперативен план каде ќе предвиди мерки и активности за физичко, оперативно и сообраќајно обезбедување на протестот. Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи е должен секогаш кога има протест да организира освен одржување на јавниот ред и мир и заштита на виталните државни објекти, да обезбеди и непречено одржување на протестот и заштита на безбедноста и животот на учесниците во протестот. Оперативното планирање се врши врз основа на безбедносна проценка која вклучува безбедносни ризици вклучително и безбедносен ризик за учесниците на протестот. Притоа, се утврдуваат и сектори односно критични безбедносни точки каде што би можело да дојде до сериозни безбедносни инциденти односно нарушување на јавниот ред и мир. Во таа насока согласно безбедносната проценка и оперативниот план се предвидува и соодветен распоред на полициски сили и средства и мерки и активности кои треба да се преземат. Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот Мавровка односно плоштадот Скендербег е идентификуван како критична безбедносна точка, нагласи Чулев.

Слични содржини