МВР ги идентификуваше пратениците што ги отворија собраниските врати

од Vladimir Zorba
98 прегледи

Полицијата го утврдила идентитетот на седумтемина пратеници кои пред крвавиот упад во Собранието им ја отвориле вратата на насилниците.

Од МВР не откриваат дали станува збор за пратениците на ВМРО- ДПМНЕ Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, кои на снимките се гледа како ги отвораат собраниските врати на толпата која нападна пратеници и новинари.Во соопштението на МВР единствено се наведува дека испратиле Известување до обвинителството за идентификување на 7 пратеници, без детали за неговата содржина. Телевизија 24 од извори во полицијата дознава дека со дописот, МВР го известува обвинителството дека наредбата за утврдување на идентитетот на седумтемина пратеници е извршена.

„Едното се однесува за превземени мерки и активности во врска со Наредба за утврдење на целосни лични податоци за вкупно седум лица – пратеници во Собранието на Република Македонија“  – се вели во соопштението на МВР.
Полицијата информираше и дека е поднесена кривична пријава против четириесет и едно годишниот Ј.Л. Од Скопје, под сомнение дека поставил импровизирана бомба во Собранието вечерта на 24-ти април. Рачно изработената експлозивна направа, според МВР тој ја поставил еден час и четириесеттина минути по упадот, а собраниските служби ја пронашле дури на 2 мај.
„Еден вработен ги забележал петардата и импровизираната експлозивна направа на подот, по што мислејки дека е факел, заедно со неговиот колега ги однеле и ги оставиле до кофите за смет во ходникот. Истиот ден околу 17 часот обезбедувањето на Собранието, при обиколка во објектот, ја забележало импровизираната експлозивна направа“ – додаваат од МВР.
Претходно полицијата поднесе кривични пријави за неколку лица под сомнение дека биле дел од толпата која тепаше пратеници и новинари, а изврши и претреси во домовите на дел од осомничените.
Сите кои добија кривични пријави се товарат за учество во толпа што ќе стори кривично дело или што ќе спречи службено лице при службена должност. Единствено лицата кои го претепаа Села, обвинителството ги осомничи за обид за убиство.
Деветтемина насилници за кои беше покренато обвинение ја признаа вината и пред судот се покајаа за делата, па добија условни казни по една година, а првообвинетиот пет.