МВР ќе воведе посебен режим на сообраќај утре во Скопје поради „Прв до врв“

од Aleksandar Petrovski

Министерството за внатрешни работи утре ќе воведе посебен режим на сообраќајот на сообраќајниците по кои ќе се одвива спортско-рекреативна трка „Прв до врв“ во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Како што информираат од МВР,  почеток на манифестацијата е во 9:45 часот,  а трасата на движење на велосипедската трка е од пред Музеј на град Скопје на улицата „Св. Кирил и Методиј“, лево по бул.„Св. Климент Охридски“, во продолжение по бул.„Мајка Тереза“, лево по ул.„Тодор Александров“, во продолжение по локален пат за Средно Водно до врвот на Водно („Милениумски крст“).

Трасата на движење на планинарите, пак, е со почеток од пред ОУ„Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, право по ул.„Тодор Александров“ и кај ул.„Салвадор Аљенде“ десно, по ридско пешачките патеки кон Средно Водно, а од Средно Водно кон врвот на Водно („Милениумски крст“).

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.

Слични содржини