МВР ќе ги проверува информациите за 500 функционери кои што во минатото, а дел и во сегашноста, за кои што постојат индиции дека приложиле лажни сертификати по англиски јазик. Ова денеска го изјави министерот Панче Тошковски.
Според него, ова ќе се истражува во смисла на соодветни докази кои што не соодветствуваат со потребни законски процедури, утврдени според закон.
-Министерството ќе постапува, како што постапува и во изминатиот период, професионално и неселективно, за сите оние за кои што постојат индиции дека сториле или несториле во рамки на законските можности, рече Тошковски на прес-конфереција на ЗНМ по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите.
Запрашан дали првиот човек на АНБ, Бојан Христовски треба да си поднесе оставка по објавите во медиумите за неговото назначување, министерот рече:
-Од страна на МВР се преземени одредени процесни дејствија во неколку постапки и тие дејствија следеле како завршно дејство на претходни предистражни дејствија кои траеле повеќе од 10 дена. Во рамките на надлежност, ќе постапиме како што треба. Прашањето треба до него да го поставите, кажа Тошковски.
Христовски во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија издаден во ноември и декември 2022. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.
Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот во Собранието извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ и дека тие ќе му ги даде на Тошковски.