МВР: Лишен од слобода директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, примил поткуп од 50.000 евра

При контролата на патничко моторно возило, под совозачкото седиште биле пронајдени и одземени паричните средства

од Кристијан Димков
35 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Полициски службеници од Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги, во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, на 20 март 2026 година го привеле 41-годишниот В.А. од Кочани. Против него до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ согласно член 357 од Кривичниот законик.

Според истрагата, осомничениот, во својство на директор на Државниот инспекторат за земјоделство, побарал поткуп од 100.000 евра од сопственик на фирма која се занимава со увоз. Барањето било реализирано индиректно, преку шпедитер, со цел да се овозможи извршување на службено дејствие кое не смеел да го направи. На оштетениот му било укажано дека неговата стока не ги исполнува законските услови за увоз и дека треба да биде вратена, при што веќе бил составен и записник од инспекторатот.

За да се овозможи непречен увоз, бил побаран наведениот износ, со договор парите да се исплатат во три рати – 50.000 евра и двапати по 25.000 евра.

На 19 март 2026 година била реализирана првата исплата од 50.000 евра. Средствата најпрво ги презел шпедитерот од оштетениот, со намера да му ги предаде на осомничениот. По преземањето на парите од страна на В.А., полицијата спровела оперативно-тактички мерки и, по издадени наредби, извршила преглед на лице, возило и багаж.

При контролата на патничко моторно возило, под совозачкото седиште биле пронајдени и одземени паричните средства, велат од МВР.