Во изминатите 24 часа, на територијата на целата држава, полицијата приведе 12 возачи поради безобѕирно управување со возило. Од нив, седуммина возеле без возачка дозвола, при што еден бил повикан на службен разговор во Свети Николе, а останатите шест биле лишени од слобода во Тетово, Куманово, Делчево, Битола и двајца во Кичево, известуваат од МВР.
Дополнително, четворица возачи во Тетово, Куманово, Берово и Ресен биле фатени како управуваат возило под дејство на алкохол. Воедно, двајца возачи во Скопје и Струга управувале и покрај тоа што имале активна забрана за управување со патничко возило од Б категорија.
По целосното документирање на случаите, од страна на МВР против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не возат без возачка дозвола, ниту пак ако им е изречена забрана или се под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе кон побезбеден сообраќај.