МВР информира дека двајца 14-годишници ќе бидат пријавени за случајот со праќање лажни закани за бомби во училишта на почетокот на месецов. Имено, пријавените малолетни лица на 19.02.2025, од мобилниот телефон на едниот малолетник испратиле имејл со заканувачка содржина за поставена бомба во две училишта (едно основно и едно средно) во Скопје. Исто така, на 21.02.2025 од мобилниот телефон на другиот малолетник испратиле имејл со заканувачка содржина за поставена бомба за поставена бомба во две училишта ( едно основно и едно средно) во Скопје.
Од страна на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при СБПТНЕР во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршена е антитерористичка проверка на сите училишта кои што добиле порака, но не се пронајдени експлозивни направи и е утврдено дека се работи за лажно пријавување за поставени експлозивни направи.
-По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал, утврдено е IMEI-то на мобилниот уред користен од страна на корисничкиот имејл од каде се пратени пораките, кое IMEI било поврзано до услугите на GOOGLE на 21.02.2025 од IP адреса од телекомуникациски оператор од Република Северна Македонија.
По извршени дополнителни проверки од страна на СБПТНЕР, утврден е идентитетот на инволвираните малолетни лица, при што на 25.02.2025 во ПСОН Чаир тие се повикани и во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција од СВР Скопје и адвокат, извршен е разговор во кој го признаа и појаснија начинот на извршување на делото.
По извршениот службен разговор, со цел обезбедување на докази, со потврда за привремено одземени предмети од нивните родители се одземени два мобилни телефони со СИМ картички, кои ги користеле пријавените малолетни лица, информираа од МВР.
Повеќе од 240 дојави за поставени бомби стигнале до училиштата во земјава на 7 февруари. Сите дојави беа лажни.
Директорот на БЈБ тогаш изјави дека се истражува која е целта и заднината на лажните дојави и додава дека во оваа насока се соработува со партнерите од Интерпол и Европол. Според неговата изјава, МВР ќе ги преземе сите превентивни и репресивни мерки доколку има потреба и ќе открива зошто се прават вакви лажни дојави.
Пред две години, речиси половина година лажните закани со бомби внесуваа немир во регионот и во Македонија. Од претпоставки за хибридна војна, странски сили, тинејџери кои сакаат да избегаат од часови, па се до кластер на заканувачи на кои полицијата им влегла во траг. Ова се само дел од сценаријата коишто беа разгледувани од страна на институциите.
Заканите започнаа на 26 октомври 2022 година. Мета беа пред се училиштата, каде речиси секојдневно пристигнуваа дојави за поставени бомби. Тензијата започна во Скопје, но набргу се прошири и во останатите градови. Алармот се вклучи и во државните институции, аеродромот, железничката станица, трговските центри, медиумите кои исто така се најдоа на мета на лажните дојави.
Од октомври до крајот на 2022 година беа евидентирани над 380 лажни пријави, додека од јануари до април 2023 година имало над 580 лажни дојави за поставени бомби. Вака објасни тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.