МВР отвори истрага за TOEFL сертификатот на Бојан Христовски

од Илинка Илиоска
149 прегледи

Министерството за внатрешни работи (МВР) започна постапка во врска со TOEFL сертификатот за познавање на англиски јазик, кој го приложил Бојан Христовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), објави порталот „360 степени“. Оваа постапка следува по сомнежите во јавноста за валидноста на сертификатот за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО“ во Пловдив, Бугарија.

Како што изјави Министерството за внатрешни работи: „Ве известуваме дека од страна на Министерството за внатрешни работи оформен е предмет кој е предаден во надлежност на ОЈО Скопје за понатамошно постапување. Од таа причина Ве молиме за дополнителни прашања да се обратите до надлежното ЈО“.

МВР во текот на оваа година поднесе кривични пријави против најмалку тројца функционери поради сомневање дека приложиле фалсификувани сертификати од училиштето за странски јазици „Јулија КО.“ во Пловдив. За две директорки, едната на училиште во Драчево и другата на болница во Дебар, постои судска пресуда. Тие признале вина и биле осудени на две години условно.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се појави на настан за безбедноста на новинарите, но не даде конкретен одговор во врска со Христовски. Наместо тоа, најави проверка на сертификатите за познавање на англиски јазик на 500 функционери.

Слични содржини