На 04.06.2022 околу 05 часот Ѓ. Ѓ. (49) од Битола пријавил во СВР Битола дека слушнал кршење на стакло и видел како гори пред влезната врата од објектот на Здружение на граѓани културен центар Иван Михаилов во Битола, лоциран на ул. Рузвелтова по што веднаш пријавил и во Територијалната против пожарна единица Битола, соопштија од МВР по повод опожарувањето на бугарскиот културен центар.
Огнот е локализиран од страна на ТППЕ Битола, а увидната екипа на СВР Битола во координација со дежурен јавен обвинител од ОЈО Битола извршила увид и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на случајот.
Претходно државниот врв го осуди инцидентот, додека од бугарска страна овој настан беше наречен „провокација“.
МНР на Бугарија, Теодора Генчовска, која е во посета на земјава, подоцна планира да го посети бугарскиот центар.