Претставници на надлежните институции се наоѓаат во зградата на Општина Кочани, каде што подигнуваат документација поврзана со дозволите и регулирањето на работењето на дискотеката „Пулс“.
Министерството за внатрешни работи ја потврдува оваа информација, додека од Обвинителството сè уште нема официјална потврда за влез на обвинители во општинската зграда.
Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли денес прашањата на новинарите дека е можно градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, да не одговара за трагедијата во Кочани. Според него, денеска истражните органи ќе влезат во општината, со цел да ги проверат сите документи.
На новинарите им посочи дека „ако алудирате на тоа дека градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ, па дека го штитиме, се лажете“.
-Кривична одговорност ќе има за сите. Ако е потребна морална или политичка, удрете на мене. Јас сум тука, јас ќе се сносам со сиот предизвик, но прво ќе ги поразам како што многу пати сум ги поразил, а потоа на избори граѓаните ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност. Само ве молам да не шпекулираме, да не креираме информации кои што немаат никаква врска со вистината. Свети ВМРО да е, ако направил грешка ќе одговара. Тоа сме го покажале и докажале во овој период, додаде Мицкоски.
Градоначалникот на Кочани вчера објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата по трагедијата што викендов го снајде градтот, а во која животите ги загубија 59 лица, а над 150 се повредени. Со него синоќа беше извршен распит во кочанското ОЈО, по што беше пуштен да си оди дома.