Според вчера објавените податоци од Институтит за јавно здравје, од направени 6770 тестирања, коронавирусот е потврден кај 672 лица. Починати се пет пациенти на возраст од 48 до 85 години, а регистрирани се и 35 оздравени.
Бројот на активни случаи се искачи на 4369 oд кои најголем број има во Скопје-1468 и во Тетово-976, а потоа следат Гостивар – 558, Куманово-263, Кичево-227, Струмица-159, Битола и Струга по 96, Дебар-89.
Министерството за здравство вчера соопшти дека од 3497 граѓани кај кои е потврден коронавирусот во изминатите седум дена, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3047 граѓани не биле вакцинирани. Во анализата на Министерството за наведениот период се евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани, односно ниту еден од сите 25 починати од COVID-19 не бил вакциниран.
Од Министерството информираа дека почнуваат на неделно ниво да прават редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од COVID-19 во државата и ќе ги објавува секој петок за да ја информира јавноста. Притоа, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од аплицирањето на втората доза.
Надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат бидејќи само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на вирусот. Се укажува дека секоја вакцина која е на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.