МЗ чека обдукциски наод по смртта на новороденче на Гинекологија

-Во овие тешки моменти за семејството, замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, соопштија од Министерството за здравство

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Министерството за здравство во врска со случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство, изрази сочувство до родителите. Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, оттаму наведуваат дека министерот Азир Алиу иницирал вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.

Потенцираат дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект.

-Во овие тешки моменти за семејството, замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана, стои во соопштението од МЗ.