Министерството за здравство информира дека поради дефект на еден од компресорите, два дена беше одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти. Од таму додаваат дека не е точна информацијата за наводен колапс на Клиничкиот центар. Според ресорот здравство, се работи за дефект на еден од компресорите поради што многу инструменти зависат од притисок кој го генерираат пумпите.
-Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ кадешто е постигнато усогласување и во тек е усвојување план како ќе се одвива кохортацијата на пациенти кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ. Компресорската станица требала да биде променета уште пред 3 години. Во тек се активности на министерот за здравство за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо ќе се пристапи кон промена на сите компресори кои се дотраени, стои во соопштението на МЗ.
Ваквата реакција следува откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека три дена биле надвор од функција сите хируршки сали, додавајќи дека не можеле неопходната услуга да ја добијат дури ниту итните и животно-загрозувачки пациенти.
-Многу брзо ВМРО -ДПМНЕ ќе стави крај на ваквите штетни политики и на неодговорното и недомаќинско работење. Платформата 1189 нуди многу решенија и одговори на барањата на здравствените работници и пациентите и од корен ќе ги смениме овие состојби кои имаат низа аномалии, стои меѓу другото во соопштението на партијата на Христијан Мицкоски.