МЗ до КСОМ: Нема присилна вакцинација, протестите се демократско право

од Nikola Popovski
262 прегледи

Министерството за здравство излезе со реакција на соопштението на Конфедерацијата на синдикати во кое се тврди дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се „присилна вакцинација“. Од таму велат дека вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат тоа не се присилени да го направат.

-Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот како на пример во Словенија, Хрватска и Грција каде одамна се на сила. Протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции. Апелираме на одговорност на сите граѓани и чинители во општеството со цел заеднички да ги надминеме сите предизвици со пандемијата која за жал, се уште коси во светот. Бараме поддршка за мерките кои се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем кој трпи огромен притисок пред се од лица кои не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување, стои во соопштението на МЗ.

Денес КСОМ соопшти дека е против задолжителната вакцинација за вработените во јавниот и приватниот сектор.

-Присилната – задолжителна вакцинација е неуставна и доколку таа прејде во фаза на спроведување, КСОМ најавува дека ќе организира синдикални протести и ќе поведе иницијатива пред Уставниот суд со цел да ги заштити членовите на Синдикатот, кои по сопствено убедуваење решиле дека не сакаат да се вакцинираат, се наведува во соопштението на КСОМ.

Слични содржини