МЗ: Доколку хронично болните не стигнат да посетат специјалист, ќе се пролонгира рокот

од Берта Китинска
319 прегледи

Од Министерството за здравство соопштија дека, хронично болните лица до 23-ти септември треба да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа, но, како што истакнаа, доколку не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

Од Министерството истакнаа дека, за да можат пациентите да го реализираат тоа, пуштени се дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта.

– Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран. Со ова ќе се овозможи секој пациент, кој навистина треба да биде ослободен од работа и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа, наведоа од МЗ.

За потребите на системот, направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и значително се олесни процедурата со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од шест месеци.

– Со препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата и натаму ќе бидат заштитени најризичните категории. Според одлуката, оние кои навистина треба да бидат дома, остануваат дома и целосно ќе се избегне злоупотреба на системот. Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември, посочија од МЗ.

Слични содржини