МЗ: Лицата кои бесрамно ги злоупотребува ВМРО-ДПМНЕ се со години вработени во јавниот сектор, а министерот нема никаква врска со нивното вработување

од Nikola Popovski
341 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ очигледно е длабоко погодено од позитивните промени кои се случуваат во здравството откако министерот Фатмир Меџити раководи со институцијата. Длабоко ги боли фактот што министерот обезбеди вработувања за 1117 здравствени работници и сега се обидуваат да измислат лажен непотизам како би прикажале дека на тој начин ќе се вршат вработувањата, велат од Министерството за здравство како реакција на денешното соопштение од најголемата опозициска партија.

Од ресорот велат дека „ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви аргументи, ниту реални критики на работењето, па затоа мора да се служат со лаги и манипулации за да го нарушат имиџот на министерот Меџити“.

-Министерството за здравство во целост ги отфрла овие манипулации на опозициската партија. Целосна лага е тврдењето дека министерот вработувал лица од сопственото семејство. Лицата кои бесрамно ги злоупотребува ВМРО-ДПМНЕ се со години вработени во јавниот сектор, а министерот нема никаква врска со нивното вработување. Понатаму, советникот за кој ВМРО-ДПМНЕ се срами да го спомне името е интервентниот кардиолог Хајбер Таравари, еден од најголемите професионалци во ова поле. Тој е ангажиран заради својата експертиза и знаење, а не по партиски клуч како што тоа со години го правеше ВМРО-ДПМНЕ“, порачуваат од МЗ, додавајќи дека „за кратко време, реализирани се крупни инвестиции, се вработуваат здравствени работници, се обезбедуваат нови лекови, а во време на ВМРО-ДПМНЕ, здравството беше само поле за корупција и криминал“.

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека има непотизам во кабинетот на Меџити. Според партијата, кај Меџити е вработена сестрата на неговата сопруга, како и нејзиниот брат.

-По примерот на останатите семејни лози кои се вработуваат, како ќерката на екс пратеничката Мира Дизел, синот на директорот на Клиниката за урологија и ќерката на директорот на Клиниката за очни болести, во кабинетот на Меџити е ангажиран и советник на министерот и близок роднина на Арбан Таравари, претседател на партијата од која доаѓа Меџити, порачаа меѓу другото од најголемата опозициска партија.

Слични содржини