Портпаролот на министерството за здравство на Појасот Газа, Ашраф ал Кудра, денеска изјави дека министерството одлучило да ја прекине координацијата на евакуацијата на повредените и медицинскиот персонал со Светската здравствена организација (СЗО).
Неговите коментари доаѓаат по апсењето на директорот на најголемата болница во Газа и други лекари.
Ал Кудра рече дека Израел и Обединетите нации сносат одговорност за апсењето на медицинскиот персонал, додавајќи дека израелските сили насилно го третирале медицинскиот персонал и пациентите, објави „Ал Џезира“.
Израелските сили денеска го уапсија директорот на болницата Ал-Шифа во Газа, и уште неколку лекари, изјави шефот на одделот на таа институција Калид Абу Самра.
Тој изјави дека Мохамед Абу Салмија, директорот на најголемата болница во Газа, е уапсен и е испрашуван од членови на разузнавачката служба Шин Бет и израелската армија (ИДФ), објави „Тајмс оф Израел“.
Таа болница беше главниот фокус на израелската операција против Хамас.
Израелското воено радио објави дека Абу Салмија бил приведен додека се движел да се евакуира кон југот на Појасот Газа. ИДФ соопшти дека ги истражува наводите.