МЗ објави документ од наводна навреда на национална основа на Токсикологија, д-р Беќаровски најави судска тужба

од Nikola Popovski
430 прегледи

Проф. д-р Нико Беќаровски, кој работи на Клиниката за токсикологија, се огласи по повод разрешувањето на медицинскиот директор на Клиниката, д-р Данил Петревски. Во коментар на објавата на Министерството за здравство, Беќаровски го коментираше и делот од објавено писмо во кое имаше сериозни обвинувања до него дека наводно ги навредувал вработените по национална основа.

-Искрено се надевам дека објавата е без Ваше знаење и одобрение, бидејќи со истата ми нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните.

Инпутирање на било какви национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди.

Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед.

Воедно ве поканувам во текот на идната недела да ја посетите УК токсикологија и да остварите состанок со Стручниот колегиум на Клиниката, за заедно да ги продискутираме наталожените проблеми кои сериозно влијаат на квалитетот на здравствените услуги, напиша Беќаровски како коментар на социјалните мрежи.

Докторот најави дека за „вакви лаги и клевети“, за кои истакна дека „инструирани од само еден лекар“, ќе биде покрената кривична пријава против сите потписници. Беќаровски додава дека објавеното писмо ќе биде релевантен судски документ.

Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Данил Петровски е разрешен од вршител на должност директор поради неправилности во работата, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека Петровски е разрешен поради несовесно работење во целиот изминат период.

-Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа. Информираме дека поранениот медицински директор д-р Петровски не беше разрешен пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа, појаснуваат од МЗ.

Уште претходно, Беќаровски информираше дека главен проблем со којшто во моментив се соочува Клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка Бесија Иљази.

За новоназначената економска директорка веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.

Слични содржини