Хируршките сали во Клиничкиот центар идната година ќе работат со нова компресорска станица за кислород. Единствената фирма која се пријави на тендерот е Винора ДООЕЛ – Скопје и според Министерството за здравство ги исполнила условите. Откако ќе истече периодот на жалба, ќе биде потпишан договорот, а новите пумпи за кислород треба да бидат инсталирани за четири месеци. Набавката на новата компресорска станица се проценува на околу 300 илјади евра.
„Договорот ќе биде потпишан во наредниот период, согласно со законските рокови. Инсталацијата и монтажата на опремата треба да се извршат во рок од четири месеци, сметано од денот на склучување на договорот, согласно со објавените услови во тендерската документација и објавениот оглас“ – пишува во соопштението од Министерството за здравство.
Хируршкиот блок на клинички во мај извесен период беше целосно затворен поради тоа што во салите се ширеше непријатна миризба. Проблемот се надмина со надворешни компресори за кислород. Се извршуваа само сложени интервенции, а илјадници хронични операции беа пролонгирани. Товарот падна врз вработените во ГОБ 8 Септември и старата Градска болница, таму беа одложени планираните операции за да ги прифатат итните пациенти.
Која беше причината за лошата миризба во хируршките сали сè уште не се знае иако примероци за анализа беа испратени во германска лабораторија. Предмет отвори и Јавното обвинителство.